МВР

Четворица уапсени по двете убиства во Скопје

28.10.2026 16:23

Полицијата уапси четири лица под сомнение дека се сторители или се поврзани со убиствата на 62-годишен маж во Хром и 76-годишна жена во Ѓорче Петров. Според МВР, убиствата биле извршени при разбојништво, а Обвинителството побара краткотраен притвор за осомничените.

Полицијата уапси четири лица, тројца од Скопје на помлада возраст и еден од Струмица, на 58 години, под сомнение дека се сторители или се поврзани со двете убиства, што се случија на 22-ри и 27-ми месецов во скопските населби Хром и Ѓорче Петров. Од МВР велат дека грозоморните убиства биле сторени при разбојништво, односно при кражба.

„СВР Скопје во текот на вчерашниот ден лиши од слобода четири лица, три од Скопје и едно од Струмица, кои се сомничат за двете кривични дела „разбојништво“ со последица смрт по член 237 став 5 од Кривичниот законик извршени на територија на скопски Хром на 22 октомври и Ѓорче Петров на 27 октомври оваа година“, изјави Гоце Андреевски, началник во Одделот за односи со јавност во МВР.

Со цел комплетирање на целокупниот доказен материјал за понатамошна постапка, Јавното обвинителство за четворицата побара краткотраен притвор.

„Лишени се од слобода четири лица и по издадени наредби од ОЈО Скопје, а со цел комплетирање на целокупниот доказен материјал за понатамошна постапка, за лицата е побаран краткотраен притвор, согласно со член 170, во врска со член 165 од законот за кривична постапка“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

76-годишната жена, била пронајдена мртва, во сопствениот дом во населбата Мирче Ацев, од нејзината ќерка. Телото на пензионерката, која живеела сама, било со тешки и видливи траги од брутално насилство. МВР информираше дека пет дена претходно, 62-годишен маж исто така, бил пронајден мртов со видливи повреди и траги од насилство во својот стан, во Хром.

Според истрагата зад морбидната серија злосторства стојат користољубие и пари. Осомничените сурово ги напаѓале и ги убивале жртвите во нивните домови, а потоа и ги ограбувале.

Милчо Велески