Сиљановска-Давкова: Монетарната и финансиската стабилност се јавно добро
Монетарната и финансиската стабилност се важни за животниот стандард на граѓаните, сигурноста на семејните буџети и планирањето на иднината на домаќинствата и компаниите. Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод 80 години централнобанкарско работење на Народната банка.

Независноста, кредибилитетот и довербата се темелни принципи за одржување на ценовната и финансиската стабилност, а институционалната независност и отчетноста се предуслови за професионално одлучување и заштита на јавниот интерес. Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод 80-годишниот јубилеј на централнобанкарското работење на Народната банка, што се одржа во Музејот на Народната банка.
Говорејќи за развојот на институцијата и нејзината трансформација низ различните економски и општествени промени, Сиљановска-Давкова ја нагласи историската промена во 1991 година, кога со осамостојувањето на државата беше воспоставен монетарниот суверенитет.
Таа посочи дека ценовната стабилност непосредно влијае врз животниот стандард на граѓаните, сигурноста на семејните буџети и можноста домаќинствата и компаниите да ја планираат својата иднина. Според неа, монетарната и финансиската стабилност се јавно добро чии придобивки ги споделува целото општество.
Претседателката нагласи и дека глобалните финансиски кризи, геополитичките тензии, климатските промени и забрзаниот технолошки развој поставуваат нови предизвици пред централните банки. Тие, како што рече, треба постојано да ги унапредуваат аналитичките и технолошките капацитети, да инвестираат во знаење и стручност и да развиваат механизми за одговорно управување со ризиците.
По повод јубилејот, Сиљановска-Давкова упати честитки до Народната банка и им оддаде признание на сите генерации раководители, банкари и вработени кои придонеле за развојот на институцијата.
На свеченоста се обрати и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, а беше прикажан и документарен филм посветен на осумдесетгодишниот развој на централното банкарство.
