Одбележување на Светскиот ден на мозочниот удар
Во организација на Универзитетската клиника за неврологија ќе се одржи централен настан на Медицинскиот факултет...

Светски ден на мозочниот удар се одбележува денеска со акцент на превенцијата, навременото препознавање на симптомите и унапредувањето на здравствената грижа за пациентите. Во организација на Универзитетската клиника за неврологија ќе се одржи централен настан на Медицинскиот факултет.
На настанот, како што е најавено, ќе присуствуваат министерот за здравство, Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, како и директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски.
Мозочниот удар претставува значаен јавно-здравствен предизвик. Навременото препознавање на предупредувачките знаци, контролата на ризик-факторите и брзото добивање соодветна медицинска помош се од суштинско значење за намалување на последиците и спасување човечки животи. Клиниката изминатите два дена организираше активности насочени кон подигнување на јавната свест за мозочниот удар, значењето на превенцијата, раното препознавање на симптомите и навременото лекување. Со организирањето на овие активности, Клиниката ја потврдува својата посветеност на превенцијата, едукацијата и унапредувањето на здравјето на граѓаните, информираа од таа јавна здравствена установа.
