НБА

Јокиќ стана вториот играч во историјата на НБА со 200 трипл-дабл

29.10.2026 08:18

Никола Јокиќ испиша нова страница во историјата на НБА-лигата, забележувајќи го 200 трипл-дабл во регуларниот дел од сезоната, во победата на Денвер Нагетс над Њу Орлеанс Пеликанс со 104:91. Денвер ја продолжи победничката серија против Њу Орлеанс, кој и по четвртиот натпревар сезонава останува без победа.

Никола Јокиќ продолжува да ги поместува границите во НБА-лигата. Српскиот центар забележа 21 поен, 13 скока и 10 асистенции за својот јубилеен, 200. трипл-дабл во регуларниот дел од сезоната, предводејќи го Денвер Нагетс до победа од 104:91 против Њу Орлеанс Пеликанс.

Џамал Мареј со 23 поени беше најефикасен во победничкиот состав, додека Арон Гордон придонесе со 15 поени и 11 скока. Кристијан Браун исто така постигна 15 поени, а Тревон Бразил додаде 11.

Нагетс доминираа уште од самиот почеток. По драматичниот пресврт и надополнувањето на негатива од 23 поени во победата над истиот противник во саботата, овојпат Денвер тргна фуриозно и во првата четвртина поведе со убедливи 37:18. Предноста во вториот период достигна и 22 поени, а домаќините ја контролираа играта во најголемиот дел од средбата.

Пеликанс се обидоа да се вратат во последната четвртина, кога Зајон Вилијамсон со тројка ја намали негативата на 88:83. Сепак, Мареј веднаш возврати со тројка и атрактивно полагање по продор, со што повторно ја оддалечи неизвесноста и ја врати предноста на Денвер на двоцифрена разлика.

Вилијамсон го заврши натпреварот со 25 поени, додека Дерик Квин забележа 11 поени и 12 скока. Џеремаја Фирс додаде 11 поени за Њу Орлеанс, кој има четири порази на стартот од сезоната под водство на тренерот Џамал Мозли.

Со новото трипл-дабл остварување, Јокиќ се доближи до рекордот на Расел Вестбрук, кој кариерата ја заврши со 210 трипл-дабл остварувања во регуларниот дел од сезоната. На Јокиќ му недостигаат уште 10 за да го израмни рекордот. Српскиот кошаркар до бројката од 200 стигна по само 814 натпревари, додека на Вестбрук му беа потребни 1.175.

Интересно е што дури 16 од трипл-дабл остварувањата на Јокиќ се против Њу Орлеанс, повеќе отколку против кој било друг тим во НБА-лигата.

 

Фото: Facebook/ Denver Nuggets