Ревизија

Над 14 милијарди денари преку кредитната линија за инвестиции во домашната економија

29.10.2026 10:19

Компаниите повлекле повеќе од 14 милијарди денари преку кредитната линија од 250 милиони евра за финансирање инвестиции и развој на приватните трговски друштва. Државниот завод за ревизија утврдил дека распределбата и управувањето со средствата се во согласност со релевантната законска рамка.

Вкупно 14,08 милијарди денари биле повлечени до февруари 2026 година преку кредитната линија наменета за инвестиции и развој на приватните трговски друштва, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија. Со позитивен заклучок за усогласеност, ревизорите утврдиле дека активностите на Развојната банка на Северна Македонија во управувањето со средствата се во согласност со законската и подзаконската регулатива, интерните акти и договорите.

Кредитната линија во износ од 250 милиони евра, во денарска противвредност, е воспоставена преку соработка на Владата, Министерството за финансии и Развојната банка на Северна Македонија, а се реализира преку 12 комерцијални банки.

До февруари 2026 година биле одобрени 767 проекти во вкупна вредност од 14,26 милијарди денари. Во периодот март-април биле одобрени средства за дополнителни 15 проекти во вредност од околу 168 милиони денари.

Најголем дел од средствата биле насочени кон домашното производство, за кое биле одобрени 6,29 милијарди денари, односно 44 проценти од вкупната кредитна маса. Следуваат трговијата со 3,5 милијарди денари, транспортот со 1,45 милијарди и градежништвото со речиси 989 милиони денари.

Според големината на компаниите, малите претпријатија имаат најголем број одобрени проекти – 455, што претставува 59 проценти од вкупниот број. За нив биле одобрени 3,57 милијарди денари. На големите компании им биле одобрени 4,72 милијарди денари за 94 проекти, додека средните претпријатија добиле 4,61 милијарди денари за 171 проект.

Анализата на намената на инвестициите покажува дека 46 проценти од средствата, односно 6,62 милијарди денари, биле вложени во градежни објекти, а 39 проценти или 5,48 милијарди денари биле искористени за набавка на опрема. За премин кон обновливи извори на енергија биле наменети 1,6 милијарди денари, додека околу 545 милиони денари биле искористени за обнова на транспортни средства.

Кредитите се доделуваат под поволни услови, со фиксна каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години. Максималниот износ по корисник е 10 милиони евра, а компаниите учествуваат со најмалку 20 проценти од вредноста на инвестицијата.

Во рамките на ревизијата биле проверени 123 развојни проекти со вкупна вредност од 7,33 милијарди денари, што опфаќа 52 проценти од средствата повлечени до февруари 2026 година.