Предвремени парламентарни избори во Бугарија

Не е прашањето дали Борисов ќе победи, туку дали ќе успее да состави Влада!

05.10.2014 17:29

Според сите анкети, најголеми шанси да се врати на премиерската фотелја има лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, по околу една година мината во опозиција, откако се повлече од власта, после серијата социјални протести во земјата...

Бугарите денеска решаваат на кого ќе му ја доверат најмоќјната фотелја да прдводи со Министерскиот совет, како што во Бугарија се нарекува Владата.

Според сите анкети, најголеми шанси да се врати на премиерската фотелја има лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, по околу една година мината во опозиција, откако се повлече од власта, после серијата социјални протести во земјата.

Последната анкета на ГАЛУП, покажува речиси двојна предност на Граѓаните за европски развој на Бугарија, пред Бугарските социјалисти, 35,9 спрема 18,3%. Но, и ваквиот прогнозиран резултат, не гарантира извесност и политичка стабилност по изборниот ден.

Прашањето не е дали Борисов ќе победи, туку дали Борисов ќе успее да формира влада.

Неговата партија и  на минатите избори освои најмногу пратенички места, но остана без постизборни сојузници и можност да ја состави владината коалиција.Тоа искуство веројтано го произнесе и главниот слоган на ГЕРБ.  Стабилност, нудеше во предизборната кампања, партијата на Борисов.

Од вкупно 240 места во парламентот, ГЕРБ се очекува да освои околу 100, што ќе го принуди Борисов, за да стигне до 121 глас, да коалицира со некоја од помалите партии.

Бугарите се заситени од избори, за година и половина ова е трет изборен циклус.

Очекувањата на Бугарите се различни...

„Мислам дека една партија ќе успее, но нема да може да формира влада... Не се завршени изборите за да ви кажам кој ќе победи... Пред се очекувам да се подобрат работите во Софија, каде што има многу раскопани улици- тоа не е добро за градот...Уште 20- 30 години треба да поминат ова да се подобри, тие само крадат, ништо други не прават...“, велат граѓаните на Софија кои случајно ги анкетриаше МРТ.

Најсиромашната членка на Европската унија, освен од социјални протести во минатиот период беше погодена од голема финансиска афера, која резултираше со затворање на една од најголемите банки во земјата.

До полноќ Борисов ќе прогласи победа. Во наредните денови ќе се водат исцрпувачки преговори за формирње на владата што ќе ја поведе Бугарија во наредните години, во кои граѓаните пред се, очекуваат стабилизација.

Голем број Бугари, денес, речиси осум години откако Бугарија стана дел од клубот на привилегираните, се разочарани и апатични, политички уморни и недоволно мотивирани, да ја размрдаат општествената зачмаеност и да го вратат оптимизмот што ќе ги потсети на целите што ги зацртаа во изминатите децении. Најтешко, пак, за денеска избраните ќе биде да ја ублажат демографската криза, да ја подобрат социјалната слика и да создадат прецепција, на здрава европска перспектива во земјата.

 

Горан Петрески, специјален известувач за МРТ од Софија