Истражување

Рекордни 356 милиони евра за општински тендери во 2025 година

29.10.2026 12:51

Општините и Градот Скопје лани склучиле 4.300 договори за јавни набавки во вредност од 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, вредноста на тендерите речиси се удвоила во однос на претходната година, а најмногу договори во вредност има склучено Општина Тетово.

Рекордни 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра, изнесувала вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје во 2025 година, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Лани биле склучени вкупно 4.300 договори, а вредноста на тендерите во изборната година речиси се удвоила во споредба со претходната година и достигнала ниво еднакво на вкупната вредност во претходните две години заедно.

Најголема вредност на јавните набавки имала Општина Тетово, со 22,5 милиони евра, додека најмала вредност е евидентирана во Старо Нагоричане, со помалку од половина милион евра.

Тетово бележи и најголем годишен раст на вредноста на тендерите, за 20 милиони евра. Наспроти тоа, најголем пад е регистриран во Струмица, каде што вредноста на јавните набавки се намалила за шест милиони евра.

Градот Скопје втора година по ред не е на првото место според вредноста на јавните набавки. По ланскиот пад на шестата позиција, годинава се најде на 14-тото место, со тендери во вредност од 8,5 милиони евра.

Гледано според бројот на жители, најголема вредност на јавните набавки има Чаир, со 2.381 евро по жител. На спротивниот крај е Центар Жупа, со само 12 евра по жител.

Општините во 2025 година склучиле договори за јавни набавки со вкупно 1.185 фирми. Сепак, повеќе од една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 компании.

На врвот според вредноста на склучените договори е струмичката компанија „Жикол“, со договори во вредност од една милијарда денари, односно околу 16 милиони евра.