Претреси на повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и Куманово за финансиски злоупотреби во здравството
МВР спроведува акција во рамки на истрага за сомнителни финансиски злоупотреби во здравствениот сектор. Под истрага се одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, а според првичните информации, штетата врз државниот буџет надминува 1,5 милиони евра.

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал утринава вршат претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Куманово, во рамки на истрага за сомнителни финансиски злоупотреби во здравствениот сектор.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека акцијата се спроведува во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Според првичните информации, под истрага се одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, кои се осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Според неофицијалните информации, штетата врз државниот буџет надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата се проценува на околу четири милиони евра. Во случајот, наводно, се оштетени и поголем број пациенти кои се лекувале во установата.
Дел од медиумите објавија дека меѓу пријавените е и Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување. Според истите извештаи, меѓу осомничените се и поранешни и актуелни раководни лица од Фондот и приватната болница „Санте“.
Од МВР најавија дека повеќе информации за случајот ќе соопштат по завршувањето на акцијата.
„Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“, соопштија од Министерството.
