Европа

Тридневна жалост во Шпанија по трагичната железничка несреќа

29.10.2026 19:31

Шпанија обвиена во тага. Земјата е во тридневна жалост по железничката несреќа. Истрагата продолжува, иако е извесно дека причина за трагедијата е човечка грешка – контролор на возачот му дал зелено светло да помине, иако подолу на пругата стоел расипан воз.

Тридневна жалост во Шпанија по трагичната железничка несреќа. Спасувачките екипи до зори бараа жртви меѓу уништените вагони. Теренот се расчистува, бројот на загинати сè уште расте, а десетици и натаму се водат за исчезнати.

„Денес можеме да потврдиме 69 загинати, вклучувајќи уште еден починат во болница. Од 110 пациенти, 60 веќе се пуштени дома, 50 во различна здравствена состојба остануваат в болница“, изјави Емилијано Гарсија-Паxе, претседател на Кастиља-Ла Манча.

Многу од жртвите сè уште не се идентификувани. Цивилната гарда отвори канцеларии за пријави на исчезнати и центри за земање ДНК примероци, додека семејствата чекаат вести за најблиските.

„Цел ден поминавме чекајќи, без да знаеме дали е добро или каде се наоѓа. Имаме пријатели во други болници. Дојдовме овде и сè уште чекаме некој да ни даде некаква вест“, изјави Емилијано Гарсија-Паxе, претседател на Кастиља-Ла Манча.

Истрагата продолжува. Аудиоснимките од разговорот меѓу контролорот на сообраќај во Мадрид и машиновозачот покажуваат дека на брзиот воз му било дадено зелено светло за минување, иако друг воз пред него бил во дефект и стоел на шините.

„Одлуката да се продолжи со сообраќајот без системот повторно да работи беше одлука на контролниот центар. Тоа е нешто што од наша гледна точка е необјасниво – да се продолжи со воз кој стои напред и со црвен сигнал, без препорака за намалена брзина“, изјави Оскар Пуенте, министер за транспорт на Шпанија.

Властите на Андалузија ја повика Шпанската влада да обезбеди јасни, транспарентни и точни информации и да ја гарантира безбедноста на патниците, потсетувајќи дека во јануари, на истата линија, кај Адамуз, загинаа 46 лица.

„Барам транспарентност, строгост и вистина од шпанската влада. Не можеме да го нормализираме она што не е нормално. Шпанската влада е должна да обезбеди јасни, транспарентни и точни информации и да ја гарантира безбедноста на патниците. Возот Аве на линијата Мадрид – Андалузија повеќе не е безбеден вид на транспорт“, изјави Хуан Мануел Морено, претседател на регионот Андалузија.

Премиерот Санчез на итен состанок во Толедо по трагедијата. Вети дека ќе се оди докрај и дека, доколку имало небрежност, ќе има и одговорност. Најави обесштетување за семејствата на жртвите.

„Прво е итното дејствување во оваа човечка трагедија – извлекување на телата на настраданите и нивна идентификација, утврдување на идентитетот на повредените, како и обезбедување медицинска помош. Второ: утврдување и расветлување на причините што довеле до оваа страшна железничка несреќа. И конечно: прашањето за обесштетување“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.

Во Мадрид, стотици граѓани протестираа барајќи оставки и политичка одговорност. За време на протестот дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Машиновозачите најавија штрајк кој синдикатот го објаснува како одбрана на безбедноста на железницата. Ова е најлошата железничка трагедија во Шпанија од 2013 година.

Бојана Крстевски