Позитивна оценка за управувањето
Државниот завод за ревизија со позитивна оценка за трошењето на парите од Унгарскиот кредит...

Државниот завод за ревизија со позитивна оценка за управувањето со 250-те милиони евра од Унгарскиот кредит, наменети за поддршка на домашните компании. До април биле одобрени 767 проекти во вредност од над 227 милиони евра, од кои најмногу се на малите претпријатија, но најголем дел од парите, 33 проценти, се насочени кон големите компании.
„Распределбата на средствата од Договорот за задолжување од Буџетот на Република Северна Македонија се во согласност со утврдената правна рамка, при што најголем дел, односно 6,2 милијарди денари, се насочени во дејноста производство, по што следуваат трговијата, транспортот и градежништвото“, соопштија од ДЗР.
Кредитот го употребивме соодветно, a за тоа, доказ е и извештајот на Државната ревизија, одговори премиерот Мицкоски на обвинувањата од опозицијата. Посочи дека дел од парите се наменети за раст на македонската економија, дел се за враќање на еврообврзница од половина милијарда евра, од претходната влада на СДСМ и дел се за поддршка на стопанството.
Унгарскиот заем, Владата го договори во 2024-та, со камата од 3,25 насто, а компаниите ги добиваат со повластена камата од 1,95 проценти. Според Центарот за граѓански комуникации пак, македонските општини лани потрошиле рекордни 356 милиони евра за јавни набавки, што е повеќе од претходните две години заедно.
Милчо Велески
