Пораст на бројот на случаи на мозочен удар кај пациенти под 50 години, апел за навремена реакција
Околу 5 илјади случаи на мозочен удар годишно, во пораст е и бројот на пациенти под 50 години. На Светскиот ден – апел за навремено препознавање на симптомите. Мозочниот удар е итна медицинска состојба, важна е брзата реакција, но и превенцијата.

74-годишен пациент кој немал симптоми, а дошол на превентивен преглед на Клиниката за неврологија е итно хоспитализиран. Ултразвукот на крвните садови покажал висок ризик од мозочен удар, кој можел да биде фатален. Од 160 прегледани граѓани, кај 40 проценти биле утврдени одредени промени, ќе бидат повикани на дополнителни испитувања. Лекарите предупредуваат – пациентите со мозочен удар доцна бараат лекарска помош. Само стотина примаат тромболитична терапија што ги намалува последиците од инвалидитет.
„Таква терапија се аплицира уште во две до три установи низ државата, меѓутоа таа бројка сепак е мала на нашиот број на пациенти кои добиваат мозочен удар. тоа е така затоа што пациентите доаѓаат многу доцна, доаѓаат после неколку часа кога тие тераписки прозорци веќе се пробиени и се апсолутна контраиндикација да се даде некаква специфична терапија, а дел е затоа што некои од пациентите, заради одредени потешкотии, не можат да стигнат можеби навреме и пристигнуваат покасно“, изјави д-р Јован Божиновски – директор на Клиника за неврологија.
Бројот на пациенти со мозочен удар се зголемува, а се намалува возраста. На Клиниката за неврологија била лекувана и 16-годишна пациентка.
Алармантни се и податоците на Државниот завод за статистика – од мозочен удар лани починале повеќе од 2.200 граѓани.
Кај најголем дел од пациентите болеста може да се превенира. Немоќни сме пред генетскиот фактор, но може да се влијае преку редовни контроли и здрав начин на живот.
Андријана Ѓурческа
