Полициската контрола во „Пулс“ била претходно планирана и координирана
На судењето на 13 полициски службеници обвинети за пропусти при контролата во кочанската дискотека „Пулс“, началникот на ОВР Пробиштип, Горан Моневски, сведочеше дека акцијата била координирана од СВР Штип и во неа учествувале полицајци од целиот регион.

Големата полициска контрола за дрога, алкохол и малолетни лица во дискотеката „Пулс“ за време на трагедијата била претходно планирана и координирана од СВР Штип. Учествувале полициски службеници од цел регион – истакна началникот на ОВР Пробиштип Горан Моневски во својство на сведок на судењето на 13-те полициски службеници во случајот за пожарот во кочанската дискотека.
Додаде дека од него началничката на СВР Кочани побарала докажани полицајци, па ги ангажирал оние кои претходно учествувале во акција во која затекнале 36 малолетни лица во угостителски објекти на територијата на Пробиштип, меѓу кои и починатиот полицаец Тоше Тодороски.
„На ден 11.03.2025 на секторскиот состанок на СВР Штип добивме наредба за зачестени акциски контроли со цел да се спречи појавата на присуство на дрога во угостителските објекти како и присуство и точење алкохол на малолетни лица по 24 часот“, сведочеше Горан Моневски – началник на ОВР Пробиштип.
За одбраната, обвинението е избрзано и неосновано, бидејќи полицајците ја извршувале својата задача-до настанувањето на пожарот легитимирале, вршеле контроли, а по немилиот настан помагале.
Родителите обвинуваат дека не требало да се дозволат сите аномалии на системот чиј данок го платија невини млади животи.
13-те полициски службеници се товарат за пропусти при контрола кобната ноќ со обвинение за тешки дела против општата сигурност.
Александра Велинова
