Финансии

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

30.10.2026 08:27

Во Собранието продолжува амандманската расправа за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Поднесени се 124 амандмани, а со новите проекции вкупните приходи и расходи се намалуваат за по 5,3 милијарди денари.

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи амандманската расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, во второ читање. За вториот ребаланс на Буџетот за годинава се поднесени вкупно 124 амандмани.

Со новите проекции, вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходниот план.

Најголемата корекција се однесува на акцизите, чии проекции се намалуваат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Корекција има и кај даночните приходи, кои се ревидираат од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно за 1,6 проценти.

Вкупните расходи се планирани на 420,5 милијарди денари, што исто така претставува намалување за 5,3 милијарди денари во споредба со претходните проекции.

Буџетскиот дефицит останува непроменет и изнесува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од бруто-домашниот производ.