Кривична пријава за две лица за измама со лажна интернет-инвестициска платформа
Стотици граѓани од земјава биле измамени да вложуваат пари во лажна интернет-платформа, со ветувања за високи добивки кои никогаш не биле исплатени. Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против две лица, 56-годишна жена од Битола и 38-годишно лице од Естонија. Досега се поднесени пет пријави од оштетени граѓани, но финансиските извештаи покажуваат дека бројот на измамени е многу поголем.

Кривична пријава за „измама“ против две лица кои навеле стотици граѓани да инвестираат во лажна интернет-платформа поднесе Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика до Основното јавно обвинителство Битола.
Пријавени се 56-годишна М.К. од Битола и 38-годишен А.С. од Естонија, поради сомнение дека во периодот од декември 2025 до април 2026 година, преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници, ветувале наводни добивки од инвестирање, кои никогаш не биле реализирани.
На овој начин, како што информираат од МВР, навеле голем број граѓани од целата држава да уплатуваат финансиски средства на лажна интернет-платформа и им нанеле значителна финансиска штета.
До Секторот за компјутерски криминал досега биле доставени пет пријави од оштетени граѓани. Сепак, анализата на финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената покажала дека во измамата биле оштетени стотици граѓани, од кои повеќето не го пријавиле случајот.
По повеќемесечна истрага, во која биле вклучени домашни и странски институции, биле откриени идентитетите на осомничените. Полицијата извршила информативен разговор со првопријавената и одзела електронски уреди преку кои била остварувана комуникацијата со оштетените. Форензичката анализа на податоците од уредите, според МВР, обезбедила докази за кривичното дело.
Во истрагата биле анализирани и криптотрансакции, а преку меѓународни безбедносни платформи биле обезбедени информации за сопственикот на криптопаричникот.
Од Секторот за компјутерски криминал апелираат граѓаните да не веруваат во понуди за лесна и брза заработка преку интернет, особено кога станува збор за инвестирање во криптовалути со ветувања за високи и сигурни приноси. Предупредуваат дека измамниците користат социјални мрежи, лажни профили и телефонски повици за да ги наведат граѓаните да уплатат пари на платформи кои можат да изгледаат целосно легитимно.
