Истрагата за двете убиства во Скопје продолжува, се чекаат ДНК-анализите
По свирепите убиства во Ѓорче Петров, основната обдукција на двете жртви е завршена, сега е процес на испитување на ДНК, која ќе биде готова следната недела. Во меѓувреме, денес истекува краткиот 48-часовен притвор за четворицата осомничени, но најверојатно ќе им биде продолжен бидејќи прибирањето на докази е во тек. МВР најавува контроли и обиколки, како и соработка со соседите.

Продолжува истрагата за двете убиства во скопските населби Хром и Ѓорче Петров. Денеска попладне истекува краткотрајниот, 48-часовен притвор за четворицата осомничени за двете убиства.
Од Обвинителството велат дека има можност повторно да биде побаран краткотраен притвор за осомничените, доколку се оцени дека се исполнети законските услови за тоа. Во натамошната истрага, не се исклучува по предлог на Обвинителството, притворот да се продолжи и на 30 дена. Во меѓувреме, се испитуваат сведоци и се анализираат досега прибраните докази кои треба да помогнат во расчистување на случаите и во утврдување на индивидуалната одговорност на секој од осомничените.
Во Институтот за судска медицина е завршена обдукцијата на телата на 62-годишниот маж и 76-годишната жена. Директорот на Институтот, доктор Александар Станков за МТВ изјави дека се прават ДНК анализи и дополнителни испитувања, по што идната недела резултатите ќе бидат доставени до Обвинителството.
Се истражува и дали осомничените дејствувале со поделени улоги, а истражителите проверуваат како се одвивале нападите и кој каква улога имал во нив. По двете убиства во Ѓорче Петров, од МВР велат дека континуирано преземаат мерки за заштита на личната и на имотната сигурност на граѓаните, со особено внимание кон повозрасните лица, особено оние што живеат сами. Од таму посочуваат и дека заштитата на повозрасните лица бара координација со центрите за социјална работа, здравствените установи и со општината.
Четворицата осомничени, тројца од Скопје и еден од Струмица, полицијата ги уапси пред три дена. Грозоморните убиства биле сторени при разбојништво, односно при кражба. 76-годишната жена, била пронајдена мртва, во сопствениот дом во населбата Мирче Ацев, од нејзината ќерка. Телото на пензионерката, која живеела сама, било со тешки и видливи траги од брутално насилство. МВР информираше дека пет дена претходно, 62-годишен маж исто така, бил пронајден мртов со видливи повреди и траги од насилство во својот стан, во Хром.
Милчо Велески
