МВР

МВР откри 101 неправилност при контрола на товарни возила, 25 исклучени од сообраќај

30.10.2026 12:17

На територијата на целата држава биле контролирани 781 товарно возило, при што биле утврдени 101 неправилност, а 25 возила биле исклучени од сообраќај. Во акциската контрола на МВР биле евидентирани и три случаи на безобѕирно управување со моторно возило, како и 219 други прекршоци.

Вкупно 101 неправилност биле утврдени при акциската контрола на товарни возила што ја спроведе Министерството за внатрешни работи на 28 октомври на територијата на целата држава. Од вкупно 781 контролирано возило, 25 биле исклучени од сообраќај.

Од Секторот за сообраќајни работи информираат дека контролата била насочена кон откривање неправилности поврзани со претовар, неправилно сместен и необезбеден товар, техничката исправност на возилата, како и превозот на лица.

Дополнително, се контролирале и возила кои се вклучуваат во сообраќај од земјени патишта, градилишта и слични површини, при што нанесуваат кал на коловозот.

Од контролираните возила, 92 биле упатени на технички преглед. Евидентирани биле и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, како и 219 други прекршоци.

За сите утврдени неправилности преземени се соодветни законски мерки.

Од МВР најавуваат дека ќе продолжат со акциските сообраќајни контроли и апелираат до возачите и превозниците да ја почитуваат законската регулатива, да ја одржуваат техничката исправност на возилата и правилно да го сместуваат и обезбедуваат товарот.