Од 1 мај директна авионска линија Скопје – Тиват, два лета неделно
Македонија и Црна Гора ја продлабочуваат соработката. Од 1 мај следната година ќе започне да функционира директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват, со два лета неделно. Во тек се и разговори за воведување авиолинии Скопје – Подгорица и Тиват – Охрид, а се планира и бизнис-форум за поврзување на компаниите од двете држави.

Директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват ќе започне да функционира од 1 мај следната година, со два лета неделно. Воспоставувањето на авиолинијата е договорено на билатералната средба меѓу вицепремиерот Александар Николоски и заменик-претседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Николоски посочи дека новото авиоповрзување треба да придонесе за зголемување на бројот на патници, економската размена, туризмот и бизнис-соработката меѓу двете држави.
Најави и дека во текот на следната година се планира организирање бизнис-форум на кој компаниите од Македонија и Црна Гора ќе можат да разменат искуства и да разгледаат можности за заеднички активности.
Во тек се и разговори за воведување дополнителни авиолинии, меѓу кои Скопје – Подгорица и Тиват – Охрид.
На средбата било разговарано и за инфраструктурното поврзување, особено за значењето на автопатот Скопје – Блаце за регионалната транспортна и економска комуникација.
Според Николоски, изградбата на автопатот ќе овозможи подобро поврзување на Македонија со црногорското пристаниште Бар. Тој посочи дека земјава веќе има поврзаност со пристаништето во Солун, а се работи и на поврзување со пристаништето во Драч.
На билатералната средба била потврдена и политичката соработка меѓу двете држави, како и можностите за нејзино унапредување во повеќе области. Николоски упати честитки за реформските процеси во Црна Гора и напредокот на нејзиниот европски пат, оценувајќи дека нејзиното членство во Европската Унија би било поттик за целиот регион.
