Животна средина

Хоџа: Климатската акција бара конкретни мерки, инвестиции и заедничка одговорност

30.10.2026 16:58

Климатските обврски мора да се преточат во конкретни мерки и резултати, порача министерот Муамет Хоџа на националниот дијалог посветен на подготовките за климатската конференција COP31.

Климатските обврски мора да се преточат во конкретни мерки и мерливи резултати, а за забрзување на климатската акција се потребни силни институции, координација, инвестиции и меѓународна поддршка. Ова го истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на националниот дијалог „Забрзување на климатската акција: Национален дијалог на патот кон COP31“.

Хоџа ги посочи унапредувањето на националното климатско планирање, подготовката на Законот за климатска акција и зајакнувањето на системот за следење и известување како важни чекори кон поефикасна климатска политика.

Тој нагласи дека климатската политика е тесно поврзана со зелената транзиција, енергетската сигурност и одржливиот економски развој.

На панел-дискусијата учествуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, и советникот на премиерот за животна средина и клима, Даме Димитровски.

Националниот дијалог е дел од подготовките на Македонија за Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени COP31, која ќе се одржи од 9 до 20 ноември 2026 година во Анталија, Турција.