Народна банка

Каматните стапки на вкупните кредити во септември 4,68%, на депозитите 2,19%

30.10.2026 15:49

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во септември изнесувала 4,68 проценти, а на депозитите 2,19 проценти, објави Народната банка. Кај новоодобрените кредити е регистриран раст, додека каматните стапки на новопримените депозити бележат мало намалување на месечно ниво.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во септември изнесувала 4,68 проценти, што претставува месечен раст од 0,01 процентен поен, додека на годишно ниво е намалена за 0,17 процентни поени, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесувала 2,19 проценти и е повисока за 0,01 процентен поен во споредба со август, додека на годишно ниво бележи намалување од 0,01 процентен поен.

Кај новоодобрените кредити е забележан поизразен раст. Просечната каматна стапка во септември достигнала 4,94 проценти, што е зголемување од 0,24 процентни поени на месечно и 0,47 процентни поени на годишно ниво.

Од друга страна, просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесувала 2,70 проценти, со месечно намалување од 0,02 процентни поени. На годишно ниво, таа е повисока за 0,47 процентни поени.

Анализирано по сектори, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата останала непроменета во однос на претходниот месец и изнесувала 5 проценти. Кај новоодобрените кредити за домаќинствата е регистриран раст од 0,04 процентни поени, со што стапката достигнала 4,77 проценти.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесувала 2,12 проценти, додека на новопримените депозити достигнала 2,69 проценти, со месечно намалување од 0,03 процентни поени.

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити се зголемила за 0,03 процентни поени и изнесувала 4,36 проценти. Каматната стапка на новоодобрените кредити пораснала за 0,37 процентни поени, достигнувајќи 5,05 проценти.

Податоците се од најновата информација на Народната банка за движењата на каматните стапки на банките и штедилниците за септември 2026 година.