Бугарија

Јотова и Ѓуров со ист став кон Македонија, разлики само околу заслугите за францускиот предлог

30.10.2026 17:42

Јотова или Ѓуров – Бугарија в недела добива нов претседател. По дебатата на бугарскиот јавен сервис, стана јасно дека и двајцата имаат ист став кон Македонија, а разлики само околу тоа кој ги има заслугите за францускиот предлог што стана европски предлог. Софија испраќа порака дека нема отстапување од веќе договореното.

Новиот бугарски претседател, кој и да биде, нема да ја менува позицијата кон Македонија. Двајцата кандидати Јотова и Ѓуров на изборна дебата реплицираа кој колку се заложил за францускиот предлог, но потврдија дека Софија нема да отстапи ниту сантиметар од позицијата за Македонија, уставни промени па преговори.

„Ќе продолжуваме да настојуваме и пред нашите европски партнери – договорот и европските политики да бидат исполнети. Во мене гледате човек кој нема да отстапи ни еден сантиметар од тоа што е веќе договорено. И покрај тоа што Скопје прави многу сериозни обиди – да стават настрана определени протоколи. Кога Кирил Петков беше премиер, бугарската позиција буквално беше спасена во 5 до 12, бидејќи тој сакаше да ја предаде бугарската позиција. Тогаш се одржа една успешна консултативна средба кај тогашниот претседател, Румен Радев, кој ја осуети таа можност“, Илијана Јотова – претседателски кандидат.

Според кандидатот Ѓуров, владата на Кирил Петков постигнала впишување на Бугарите во македонскиот Устав за да бидат заштитени нивните права, но претседателката институција не работела во последните години на остварување оти се занимавала со напади врз владата.

„Ние успеавме да ги заштитиме интересите на бугарските граѓани и да ја направивме бугарската позиција дел од заедничката европска позиција. Тогаш претрпевме многу напади и обвинувања дека се предаваат бугарските интереси. Сега кога веќе го имаме францускиот договор – сите партии, а сега ја слушаме и г-ѓа Јотова – го поддржуваат безрезервно, и се вели дека тоа е многу добро решение Бугарија“, изјави Андреј Ѓуров-претседателски кандидат.

Претседателските избори во Бугарија ќе се одржат во недела.

Ирина Гелевска