Статистика

Индустриското производство во септември зголемено за 2,4 проценти

30.10.2026 12:36

Индустриското производство во септември е зголемено за 2,4 проценти во споредба со истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика. Растот се должи на зголеменото производство во преработувачката индустрија, додека рударството и производството на електрична енергија бележат пад.

Индустриското производство во септември 2026 година бележи раст од 2,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Растот е резултат на зголеменото производство во секторот Преработувачка индустрија за 4,2 проценти. Наспроти тоа, во секторот Рударство и вадење камен е регистриран пад од 7,7 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација намалување од 11,4 проценти.

Во преработувачката индустрија зголемувањето е резултат, пред сѐ, на повисокото производство на пијалаци, текстил, хемикалии и хемиски производи, производи од гума и пластични маси, други неметални минерални производи, метали, фабрикувани метални производи и моторни возила.

Според главните индустриски групи, најголем раст е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, за 16,9 проценти, додека производството на капитални производи е зголемено за 1,3 проценти.

Намалување има кај енергијата за 20,3 проценти, трајните производи за широка потрошувачка за 8,3 проценти и нетрајните производи за широка потрошувачка за 4,5 проценти.

Најголемо влијание врз растот на индустриското производство имале производството на други неметални минерални производи, со раст од 64,4 проценти, производството на пијалаци со 21,3 проценти и производството на моторни возила, приколки и полуприколки со 5 проценти.

Индексот на индустриското производство во периодот јануари – септември 2026 година, во споредба со истиот период лани, изнесува 100,8.