Стотици граѓани измамени преку лажна инвестициска платформа
Убави ветувања за финансиски добивки, кои се распрснуваат како меур од сапуница. Нов случај во кој стотици граѓани се оштетени откако наседнале на измама. Полицијата поднесе кривична пријава против битолчанка и Естонец кои преку лажна инвестициска платформа навеле голем број граѓани да вложуваат пари и на крајот на останат со куси ракави.

Стотици граѓани наседнале на ветувањата за лесна заработка, вложувајќи пари во лажната интернет-инвестициска платформа на 56-годишна битолчанка и Естонец. Малкумина пријавиле, повеќето се срамеле да кажат дека наседнале на измамата, за која полицијата поднесе кривични пријави.
„Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација, на канал со неколку стотици претплатници, со ветување за наводни добивки кои никогаш не се реализирале, навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа и на тој начин им нанеле значителна финансиска штета. До секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика доставени се пет пријави од оштетени граѓани, кои во наведениот период биле измамени, но согласно податоците од финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената, во измамата оштетени се стотици граѓани од државата, но повеќето од нив не го пријавиле случајот“, – стои во соопштението од МВР.
Случајот бил предмет на повеќемесечна истрага, во која биле вклучени и домашни и странски институции. Од првопријавената се одземени електронски уреди, а преку анализа на криптотрансакциите биле обезбедени информации за сопственикот на крипто-паричникот. Полицијата предупредува дека ваквите измами се во пораст и апелира до граѓаните да бидат внимателни, особено кога се ветуваат лесни, високи и сигурни приноси.
Александра Максимовска
