Ивановиќ и Николоски најавија засилена инфраструктурна офанзива
Црна Гора се залага процесот на проширување во Европската унија да биде врз основа на заслуги, Унијата не може да биде комплетна без земјите од регионот, изјави во Скопје вицепремиерот за надворешни и европски прашања, Филип Ивановиќ кој заедно со вицепремиерот Александар Николовски најавија засилена инфраструктурна офанзива.

Црна Гора ќе биде силен поддржувач на Македонија во процесот на евроинтеграција, оти Европската Унија не може да е комплетна без сите земји од регионот. Ова го порача вицепремиерот за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ, за време на работната посета на земјава. На прес-конференција со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, Ивановиќ рече дека Подгорица се залага проширувањето на ЕУ да биде по заслуги.
„Кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската унија ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција, со желба што побрзо да се најдеме заедно во европското политичко семејство. Македонија може да биде сосема сигурна дека во Црна Гора ќе има доверлив партнер“, истакна Ивановиќ.
Двајцата вицепремиери потврдија дека меѓусебните политички односи се одлични и без отворени прашања, што отвора широк простор за продлабочување на економските и инфраструктурните врски. Во однос на патната инфраструктура, рекоа дека е разговарано за поврзување со пристаништето Бар во Црна Гора, што според вицепремиерот Николоски, ќе се реализира преку веќе започнатата изградба на автопатот Скопје – Блаце.
„Имајќи предвид дека имаме добро поврзување со пристаништето во Солун, градиме поврзување со пристаништето во Драч, со изградбата на овој автопат ќе имаме одлично поврзување и со пристаништето во Бар и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава која не излегува на море, да имаме излез на најмалку три пристаништа“, рече Николоски.
Црна Гора, како предводник во преговорите, очекува да стане полноправна членка во 2028 година. До тогаш, од Скопје директно ќе се лета до Јадранот, од мај се отвора нова можност за туризмот и бизнисот.
Борис Грујоски
