Инфраструктура

Николоски: Со автопатот Скопје-Блаце Македонија ќе се поврзе и со пристаништето Бар

30.10.2026 20:34

Македонија гради инфраструктурно поврзување со три регионални пристаништа – Солун, Драч и Бар. Автопатот Скопје-Блаце треба да овозможи директна врска со Црна Гора и пристаништето Бар, што, според вицепремиерот Александар Николоски, ќе отвори нови можности за домашната економија и компаниите.

Поквалитетното инфраструктурно поврзување на земјава со регионот е врвен приоритет на Владата, истакна Николоски на средбата со заменик-претседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Николоски посочи дека изградбата на автопатот Скопје-Блаце, која почна на крајот на август, ќе овозможи автопатско поврзување со Црна Гора и пристап до пристаништето Бар.

„Како држава која нема излез на море, да имаме излез на најмалку три пристаништа“, рече Николоски.

Според него, поврзувањето со пристаништата Солун, Драч и Бар ќе придонесе за развој на трговската соработка, отворање нови пазари и подобри услови за работење на домашните компании.