Нов 48-часовен притвор за четворицата осомничени за убиствата во Хром и Ѓорче Петров
Судот им определи нов 48-часовен притвор на осомничените за убиствата во Хром и Ѓорче Петров. Се испитуваат сведоци, се анализираат доказите и се очекуваат резултатите од судско-медицинските испитувања.

Продолжува истрагата за двете убиства во Хром и во Ѓорче Петров. По предлог на Јавното обвинителство, Кривичниот суд на четворицата осомничени им определи нов, 48-часовен притвор. Во меѓувреме, се испитуваат сведоци и се анализираат досега прибраните докази кои треба да помогнат во расчистување на случаите и во утврдување на индивидуалната одговорност на секој од осомничените.
„Се преземаат дејствија за прибирање докази. Јавниот обвинител достави до судот предлог за определување нов краткотраен притвор од 48 часа“-соопштуваат од Јавното обвинителство.
Неофицијално тројца го признале делото, додека струмичанецот тврдел дека бил само возач и не знаел за убиствата.
Во Институтот за судска медицина е завршена обдукцијата на телата на 62-годишниот маж и 76-годишната жена. Директорот на Институтот, доктор Александар Станков за МТВ изјави дека се прават ДНК анализи и дополнителни испитувања, по што идната недела резултатите ќе бидат доставени до обвинителството.
По двете убиства во Ѓорче Петров, од МВР велат дека континуирано преземаат мерки за заштита на личната и на имотната сигурност на граѓаните, со особено внимание кон повозрасните лица, особено оние кои живеат сами. Бараат соработка од соседите за грозоморните убиства.
76-годишната жена била пронајдена мртва од својата ќерка во домот во населбата Мирче Ацев. Пет дена претходно, во стан во Хром бил пронајден мртов 62-годишен маж, со видливи повреди и траги од насилство.
Милчо Велески
