Кривичен суд

Судот му го одзеде пасошот на Билал Кара од Европската очна болница

30.10.2026 17:11

Откако полицијата го уапси, претседателот на Управниот одбор на Европската очна болница, Билал Кара остана без пасош, со забрана да ја напушти Македонија. Надлежните ги проверуваат сите аспекти на случајот со двојната наплата за операции на очи. Приватната болница тврди дека ниту еден пациент не бил оштетен, од МВР ја проценуваат бројката на четири илјади, со дополнителна штета врз буџетот на ФЗО.

Ново апсење поврзано со финансиските злоупотреби со операциите на очи. Претседателот на Управниот одбор на приватната Европска очна болница, Билал Кара, остана без пасош со забрана да ја напушта државата и обврска да се јавува во судот. Мерки на претпазливост има и за останатите осуммина приведени.

„Полициски службеници по наредба на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го лишија од слобода Б. К. за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“, изјави Гоце Андреевски – началник на одделение за односи со јавност.

По информациите дека Албанија го бара Кара со меѓународна потерница поради сомнежи за финансиски малверзации, и оти тој е почесен конзул на Македонија во Турција, премиерот Мицкоски вели – случајот целосно ќе се истражи. Проверки ќе се прават и во други здравствени установи кои имаат договор со Фондот.

„Луѓето се оштетени за неколку милиони евра и тие пари сега ќе се вратат назад преку судска постапка. Некои од лицата се достапни, некои не се достапни. Правиме проверки и за други вакви установи кои се занимаваат со ваква дејност и имаат договори со Фондот. Сепак, тоа се пари на македонските даночни обврзници. Еден по еден случај ќе ги откриваме‘, истакна Мицкоски.

Во случајот се осомничени 11 лица за повеќе кривични дела поради двојна наплата за операциите, една од пациентите и друга од ФЗО. Финансиската штета се проценува на над 1,7 милиони евра, а сомнежот е дека се оштетени околу четири илјади пациенти. Болницата негира.

„Нашата установа никогаш не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект. Напротив, и по повеќе од една година без поддршка од ФЗО, успеавме да го зачуваме квалитетот, хуманоста и пристапноста на цените на офтамолошките интервенции за сите“, велат од Европската очна болница.

Проверките во Фондот за здравство траеле речиси една година, биле извршени претреси на десетина локации во Скопје, Куманово и во Тетово. Тогашните двајца директори во 2020-та година со приватната очна болница склучиле договор спротивно на законот. Во електронскиот систем на Фондот биле внесувани невистините податоци и се изготвувале фактури со невистини содржини.

Меѓу осомничените е и поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев.

Андријана Ѓурческа