„Лотарија“ си купила апарати за коцкање, без да побара мислење од Управниот одбор, тврди сведок на Обвинителството
Купените апарати, рече сведокот, завршиле во магацин и не се користеле...

Државната лотарија си купила апарати за коцкање, без да побара мислење од Управниот одбор. Ова го тврди Андреј Крстевски, член на Одборот кој како сведок на Обвинителството кажа дека бил информиран од директорот Перпарим Бајрами дека ќе се купат ВЛТ апарати со цел да се разбие монополот врз игрите на среќа. Иако знаел што ќе се купи, сведокот тврди дека до него не дошле никакви конкретни материјали, ниту било побарано да каже мислење за набавката, која ја оцени како крупна зделка. Купените апарати, рече сведокот, завршиле во магацин и не се користеле.
Со обвинението се опфатени осуммина. Меѓу нив и екс вицепремиерот Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија – Перпарим Бајрами. Се товарат за злоупотреба на службената положба, бидејќи купиле апарати за игри на среќа, кои немале право да ги приредуваат. Штетата е проценета на 9.7 милиони евра.
Анита Димитријевска – Велковска
