Јаневска во посета на студентскиот дом „Стив Наумов“
По реакциите за прокиснување и бучавата од радијаторите во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“, министерката Јаневска ги посети студентите. Во меѓувреме, се отвори и прашањето за зголемување на субвенционираниот студентски оброк.

По информациите дека во „тазе“ реконструираниот дом „Стив Наумов“ прокиснува вода од плафоните, а од радијаторите се шири неподнослив звук, министерката Јаневска влезе во објектот – праша дел од студентите за проблемите со коишто се соочуваат.
Јаневска рече дека домот е изграден од австриска фирма во соработка со ЕУ, и оти станува збор за еден од најмодерните домови на Балканот, кој е под гаранција и оти се надминуваат наследените проблеми. Од СДСМ, пак, тврдат дека реконструираниот дом „Стив Наумов“ веќе се распаѓа.
Опозицијата бара наместо 140 денари за студентски оброк, студентите дневно да добиваат по 200 денари. Власта, пак, излезе со предлог субвенцијата за студентскиот оброк да се зголеми од 3.500 на 4.500 денари месечно, но, наместо парите да се добиваат на дебитни картички да се применува нова апликација преку којашто средствата навистина ќе се користат само за храна, а не и за други намени.
Наташа Јанчиќ-Менковски
