Врховниот суд ги укина пресудите за пожарот во модуларната болница во Тетово - предметот вратен на повторно одлучување
Паднаа пресудите за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Врховниот суд ги укина првостепената и второстепената пресуда, оценувајќи дека пониските судови не ги утврдиле доволно фактите и не направиле сеопфатна анализа на доказите.

Паднаа пресудите за пожарот во модуларната болница во Тетово, што се случи на 8 септември 2021 година, кога загинаа 14 лица. Врховниот суд ги укина и првостепената и второстепената пресуда, а предметот го врати на повторно одлучување.
Според образложението на Врховниот суд, пониските судови не ја објасниле доволно причинско-последичната поврзаност меѓу постапувањето на обвинетите и несреќата.
„Основниот суд во Тетово и Апелациониот суд во Гостивар во недоволна мера ги утврдиле фактите, ниту направиле сеопфатна анализа на сите докази, со цел со сигурност да ги утврдат конкретните дејствија на обвинетите и во која мера е нивното влијание врз избувнувањето на пожарот“, се наведува во образложението на Судот.
Врховниот суд го проблематизира и тоа што не бил прифатен предлогот на одбраната на главната расправа да биде сослушан вештакот од Германија.
Поранешните директори на болницата, Флорин Бесими и Артан Етеми, со пресуда на Апелациониот суд во Гостивар беа осудени на тригодишни затворски казни за тешки дела против општата сигурност.
