Владата го усвои Предлог-буџетот за 2027 година - повеќе пари за плати, пензии и капитални инвестиции

30.10.2026 19:52

Државната каса за 2027 година ќе тежи 7,16 милијарди евра. Владата планира повисоки приходи и расходи, економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 процента. Ќе следува и ново задолжување за отплата на еврообврзница од 500 милиони евра.

Зголемени и приходи и расходи. Владата го усвои Предлог-буџетот за в година. Се планира во државната каса да се соберат 6,43 милијарди евра, односно 5,7 проценти повеќе од годинава, а да се потрошат 7,16 милијарди евра, односно 4,8 проценти повеќе од 2026 година.

Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, а инфлацијата на 3,2 процента. Буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,5 проценти од БДП, како што е предвидено во Фискалната стратегија, односно околу 732 милиони евра. Ќе има повеќе пари за плати, пензии и за одбраната.

Сакаме да обезбедиме стабилни и одржливи јавни финансии, да има и фискална консолидација и економски развој преку нови инвестиции за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Проекциите се реални во услови на глобална неизвесност и надворешни ризици, истакна министерката за финансии.

За капитални инвестиции се предвидени над 663 милиони евра, во кои не се вклучени средствата за автокоридорите што ги гради „Бехтел и Енка“. Ќе има пари за нови патишта, образовни капацитети, земјоделска и енергетска инфраструктура.

Државата в година ќе отплаќа еврообврзница од 500 милиони евра, која доспева во март, па ново задолжување ќе следува уште во првиот квартал. Сепак, јавниот долг ќе остане под 60 проценти од БДП, уверува првата финансиерка.

Марија Котовска