Европа

Полска во длабока политичка криза

31.10.2026 10:42

По суспензијата на претседателот на Уставниот суд, луѓето сè уште се собираат пред судот во Варшава, а полицијата за немири е распоредена пред зградата.

Полска е во длабока политичка криза. По суспензијата на претседателот на Уставниот суд, луѓето сè уште се собираат пред судот во Варшава, а полицијата за немири е распоредена пред зградата. Судијката Пјотровска, назначена во мандатот на премиерот Туск, вчера ги суспендираше Богдан Швјенчковски и неговиот заменик, откако министерот за правда побара укинување на нивниот имунитет, а потоа таа соопшти дека го презема раководството.

„Судии што беа законски избрани со месеци не можат да седнат на клупата, со што судот не може ни да суди. Швјенчковски од самиот почеток ги крши принципите на работа на Уставниот суд“, изјави Ана Корвин-Пјотровска, в.д. претседател на Уставниот суд.

Министерот за правда рече дека полициската акција е пропорционална, бидејќи демонстрантите оневозможувале судиите да влезат.

„Ако не ги почитуваме обврзувачките пресуди, Полска ќе го изгуби кредибилитетот, а даночните обврзници ќе платат за парализираниот Уставен суд“, изјави Валдемар Журек, министер за правда на Полска.

Туск го поддржа потегот, велејќи дека владата мора да го врати владеењето на правото. Но, опозициската партија „Право и правда“ смета дека суспензијата е незаконска. Нејзините поддржувачи протестираа, а полицијата приведе три лица по обидот да ја пробијат оградата. Претседателот Навроцки, близок до опозицијата, го прекина патувањето во Сенегал и се врати во Варшава, повикувајќи на итни консултации за стабилизирање на ситуацијата.