Зеленски подготвен за директни разговори
Шефот на руската дипломатија повтори дека Зеленски мора да дојде во Москва ако сака да се сретне со шефот на Кремљ потврдувајќи дека Москва е подготвена да ги продолжи техничките разговори со Украина и САД во Абу Даби.

Киев тврди дека Зеленски е подготвен за директни разговори за крај на војната во Украина, вклучително и за територијалните прашања, но дека Москва и Белорусија не можат да бидат места за средба. Зеленски замина за Истанбул на разговори со Ердоган со надеж дека во ноември ќе има напредок во дипломатските иницијативи.
„Ќе има важни преговори во Турција. Работиме и за да се реализираат сите постојни дипломатски можности. Очекуваме во ноември да напредуваме со форматите за кои толку долго се разговараше“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Лавров, пак, повтори дека Зеленски мора да дојде во Москва ако сака да се сретне со шефот на Кремљ потврдувајќи дека Москва е подготвена да ги продолжи техничките разговори со Украина и САД во Абу Даби. Тој, рече и дека Европа сака по секоја цена да се вклучи во преговорите, но дека нејзината сигурност е сомнителна.
„Ако Зеленски сака да се сретне, треба да дојде во Москва. Ние ќе ја обезбедиме неговата безбедност. Ова е нормална практика во дипломатијата. Јасно е дека Европејците сакаат да се приклучат на преговорите по секоја цена и да не ги остават сами Русија и САД“, рече рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров.
Трамп рече дека новите санкции против Русија само ќе ги комплицираат преговорите, оценувајќи дека Москва не се плаши од рестриктивните мерки, па дури и им се смее. Во меѓувреме, Хуманитарната мисија во Олешки заврши, додека борбите на фронтот продолжуваат. Стејт департментот одобри продажба на 500 ракети „Патриот ПАК-3“ на Украина за 2,1 милијарди долари.
