Тече имунизацијата против сезонски грип
Во североистокот тече вакцинацијата против сезонски грип. Центарот за јавно здравје првично располага со 1.600 дози вакцини. Во нив влегуваат и одделенијата во Крива Паланка и Кратово. Дел од граѓаните со редовна навика, секоја година се имунизираат.

Тече вакцинацијата против сезонски грип во Куманово. Центарот за јавно здравје, кој ги покрива и одделенијата во Крива Паланка и Кратово првично располага со 1.600 дози. Интересот велат лекарите е голем. Станува збор за тривалентни вакцини, кои се бесплатни и првично наменети за ризичните категории.
„За лица над 65 годишна возраст, за деца од 6 месеци до 5 години, за лица со хронични заболувања, респираторни, кардиоваскуларни, дијабет, за лица на имуносупресивна терапија и лица кои живеат со семејство кое прима имуносупресивна терапија за лицата во старски домови кои престојуваат, бремени жени, доилки и здравствени работници“, изјави Едита Рамизи, спец. епидемиолог Центар за јавно здравје Куманово.
Граѓаните што ги прашавме, редовно се вакцинираат. Дел од нив дополнително внимаваат и на исхраната овој период од годината.
„Ја примивте вакцината? Да! Редовно? Да! Но, и повеќе витамини овој период? Лимони, портокали“-вели еден граѓанин.
„Овошје зеленчук, редовно, повеќе мед, да и мед користам“-нагласи кумановец.
„Да сега на 12-ти. Редовно некаде 12 години, јас хроничен бронхитис имам, и ме штити“-истакна граѓанин.
„И јас исто со него се вакцинирам, по 60 години излегов, постари луѓе сме зошто да не и се чувствуваме подобро“-вели друга граѓанка.
Здравствените работници апелираат граѓаните навреме да се заштитат и да ги следат препораките за зачувување на сопственото и колективното здравје. За развој на имунитетот по примањето на вакцината потребни се две до три недели. Вакцинацијата штити до една година.
Елена Георгиевска
