Рекордни цени на пазарот на недвижности

Охрид: Квадратот над 3.000 евра, побарувачката и натаму расте

31.10.2026 13:00

Пазарот на недвижности во Охрид бележи континуиран раст на побарувачката, а цените остануваат на високо ниво. Квадратен метар во новоградбите достигнува до 2.500 евра, додека во апарт-хотелските комплекси на најатрактивните локации надминува и 3.000 евра.

Пазарот на недвижности во Охрид динамичен, со високо ценовно ниво и континуиран интерес од купувачите. Цените на становите се движат од 1.500 до 2.500 евра за метар квадратен, а најатрактивните локации во апартманските комплекси надминуваат и 3.000 евра. Охрид е дестинација за купување втор дом и инвестирање во туристичко изнајмување.

„Најбарани се топ локациите, значи централното градско подрачје, строгиот центар на Охрид, како и локациите на брегот на Охридското Езеро. Но поради висината на цените, сепак најголем дел од купувачите се одлучуваат за поширокото централно подрачје во радиус од еден километар од строгиот центар на градот, бидејќи тука добиваат најповолна цена во смисла на избор на локација, атрактивност и вредност“, изјави Наташа Спасеска, агент за недвижности.

Меѓу купувачите доминираат граѓани од другите градови во земјава и македонската дијаспора, а странските државјани учествуваат со околу 10 проценти во продажбата. Најголем интерес има за помалите станови околу 40-тина метри квадратни.

„Најчесто како купувачи се јавуваат граѓаните од останатите делови од Македонија коишто претежно го избираат Охрид како дом за одмор или инвестираат во смисла на туристичко издавање како станоиздавачи. Понатаму, втората категорија се нашите иселеници од дијаспората. Сепак, јас би ја потенцирала третата категорија како најзначајна, а тоа се странците“, додава Спасеска.

Според проценките на агентите за недвижности, во наредниот период се очекува продолжување на позитивните пазарни трендови, со раст на побарувачката и благ пораст на цените.

Соња Рилковска