Избори

Народниот правобранител ќе прима пријави за повреда на избирачкото право за време на изборите во Брвеница

31.10.2026 12:04

Подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово в недела ќе биде отворена од 7 до 19 часот, за граѓаните да можат да пријават евентуални повреди на избирачкото право за време на вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница. Пријави ќе се примаат и на телефонскиот број 044 344-082.

Народниот правобранител ќе биде достапен за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални повреди на избирачкото право за време на вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, што ќе се одржат в недела, на 1 ноември.

Подрачната канцеларија во Тетово ќе биде отворена од 7 до 19 часот. Граѓаните пријавите ќе можат да ги поднесат лично во канцеларијата или телефонски на бројот 044 344-082.

Од Народниот правобранител информираат дека ќе преземаат итни мерки за да обезбедат ефективно постапување на надлежните органи и институции во заштитата на загарантираните права на граѓаните во изборниот процес.

Оттаму потсетуваат дека избирачкото право е уставно загарантирано, еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Нагласуваат дека никој не смее да биде повикан на одговорност поради остварување на ова право, а повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право се казниви дела.