Новиот филм на Милчо Манчевски со успешна светска премиера во Токио
„Сестра, брат и шахта“, најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски, имаше светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио. Филмот беше одлично прифатен од публиката, а по проекцијата Манчевски и главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ разговараа со гледачите и медиумите. Голем интерес предизвикаа и фановите, кои цел час чекаа за автограми и фотографии.

Новиот филм на режисерот Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ ја имаше својата светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, еден од фестивалите од А-категорија.
Токиската публика одлично го пречека филмот, а по проекцијата режисерот Манчевски и главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ учествуваа во разговор со гледачите, јапонските и меѓународните медиуми.
„Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави Манчевски по премиерата.
Гледачите ги пофалија необичната приказна, актерските остварувања и емотивното доживување на филмот. Интересот продолжи и по завршувањето на проекцијата и разговорот со екипата. Пред режисерот и актерите се формираше долга редица обожаватели, кои цел час чекаа за автограми и фотографии. Дел од нив донеле и плакати и ДВД-изданија од претходните филмови на Манчевски, меѓу кои „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“.
Главниот актер Филип Трајковиќ изрази задоволство што ликот на Виктор првпат ѝ се претставил на публиката токму во Токио, додека Сара Климоска посочи дека ликот на Малина ѝ овозможил да истражи различни човечки искуства, емоции и противречности.
На премиерата присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој ја истакна важноста на меѓународната промоција на македонската кинематографија и најави иницијативи за зголемување на филмскиот буџет и подобрување на условите за работа на филмските работници.
Филмската екипа присуствуваше и на свеченото отворање на фестивалот, каде што Манчевски, Климоска и Трајковиќ продефилираа на црвениот килим. За премиерата во Токио пишуваше и „Холивуд репортер“, кој се осврна на несекојдневниот начин на кој режисерот ја искористил шахтата, реквизит од филмот, за да се заштити од дождот.
Дополнителни проекции на „Сестра, брат и шахта“ се закажани за 2 и 3 ноември.
Филмот е деветтиот долгометражен игран филм на Манчевски. Станува збор за црна комедија и социјална сатира за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството, а во главните улоги се Сара Климоска и Филип Трајковиќ, заедно со Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов и Дејан Лилиќ. Сниман е во Македонија, со меѓународна филмска екипа и копродуценти од повеќе европски земји.
