Штедење

Македонските домаќинства чуваат 7,4 милијарди евра во банките

31.10.2026 17:56

Речиси 455 милијарди денари се заштедите на македонските домаќинства во банкарскиот систем. И покрај инфлацијата и економските предизвици, штедењето продолжува, но голем дел од парите остануваат на трансакциските сметки, наместо да бидат орочени.

Нашиот народ има традиција на штедење, дали за арно или за лошо. Речиси 7,4 милијарди евра или попрецизно – 454,99 милијарди денари е сумата на пари што македонските домаќинства ја чуваат во банкарскиот систем, според најновите официјални податоци на Македонската банкарска асоцијација и Народната банка за 2026 година.

Сепак, зад овие импозантни милијарди се крие и друга реалност. Голем дел од парите воопшто не се орочени, туку „лежат“ на трансакциските сметки. Тоа се средства кои граѓаните ги користат за секојдневни трошоци и плаќање сметки. Редовното издвојување дури и на најмали износи од личниот буџет со текот на времето може да прерасне во клучна сигурност за непредвидени животни ситуации, велат оние кои ги анкетиравме.

Најголемиот предизвик е покривањето на трошоците. Оние пари кои граѓаните ги чуваат да ги орочат или да ги инвестираат, да не ја изгубат вредноста – порачува универзитетскиот професор Халили.

Бројките покажуваат дека парите на граѓаните се столбот на македонските банки, бидејќи тие учествуваат убедливо со најголемиот дел од вкупните депозити во целата држава.

Статистиката открива уште еден тренд – штедењето не запира и покрај економските предизвици и инфлацијата. Вкупните депозити во земјава бележат висок годишен раст од 9,2%. Она што дополнително охрабрува е порастот на орочените депозити за 5,7% на годишно ниво. Ова значи дека граѓаните сепак успеваат дел од парите да ги тргнат настрана на подолг рок.

Александра Велинова