Одземена лиценцата за работа на Алта банка од Белград
Народната банка на Србија ѝ ја одзема дозволата за работа на Алта банка од Белград. Банката не успеала да ја стабилизира својата финансиска состојба и да ја подобри ликвидноста. Одлуката како што наведуваат е со цел да се заштитат интересите на депонентите и да се зачува стабилноста на финансискиот систем на Србија.

Народната банка на Србија соопшти дека, по спроведувањето на контролни активности и воведувањето привремени мерки, а со цел заштита на штедачите и другите доверители и спречување на ширење на какви било негативни ефекти врз економијата, ја одзема лиценцата за работа на Алта Банка Белград.
Се наведува и дека е утврдено да „во претходниот период, финансиската состојба на банката значително се влошила, и дека постои можност за нејзино дополнително влошување или ликвидноста на банката, со што се во опасност интересите на штедачите на банката“.
Како што е наведено, ќе се именува стечаен управник, а штедачите на банката ќе бидат навремено информирани од кои банки ќе ги подигнат своите депозити до осигурениот износ од 50.000 евра, како и за начинот на пријавување на нивните други побарувања.
Од Алта банка соопштија дека сите надлежни институции и органи за стечај преземаат потребни чекори за заштита на интересите на штедачите и доверителите, како и за спроведување на понатамошни законски процедури во согласност со српските прописи.
Клиенти на Алта банка беа Министерството за внатрешни работи, Електро стопанство на Србија, ЕР Србија и други.
Од здружението на српски банки соопштија дека финансискиот сектор на Србија е безбеден, ликвиден и добро капитализиран.
Алта банка е деветта банка по големината во Србија, со актива од 1,84 милијарди евра и држи 2,9% од пазарот. Останува непознато понатамошното работење на целата Алта групација, која е присутна во неколку деловни сектори меѓу кои се Идеа, Рода и Меркатор, градежништвото и недвижностите.
Алта во регионот има банки и осигурителни компании во Македонија, Црна Гора и БиХ. Сопственик на групацијата е Давор Мацура кој го започнал својот бизнис со менувачници.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
