Политичка криза и протести во Полска
Полска е во длабока политичка криза. Полицијата за немири е распоредена пред Уставниот суд во Варшава, по ескалацијата на спорот меѓу владата на Туск и опозициската партија „Право и правда“. Претседателот Навроцки го прекина патувањето во Сенегал и се врати во земјата. Неговите сојузници и раководството на судот настаните ги нарекоа „државен удар“, додека владата на Туск ги отфрла тврдењата и вели дека дејствува за враќање на владеењето на правото.

Полска влезе во една од најострите институционални конфронтации во последните години, откако спорот околу Уставниот суд во Варшава прерасна во полициска интервенција, протести и меѓусебни обвинувања за нарушување на уставниот поредок. Сè почна откако претседателот Швјечковски и неговиот заменик беа суспендирани на еден месец, а раководството го презема судијката Пјотровска, назначена во мандатот на премиерот Туск.
„Лицата одговорни за оваа состојба се Богдан Швјечковски и потпретседателот Бартоломеј Сохањски. Со месеци, законски избраните судии не можат да седнат на судење, па Трибуналот не може да одлучува“, изјави Ана Корвин-Пјотровска, претседател на Уставниот трибунал.
Пјотровска беше избрана за судијка во март, но претседателот Навроцки не ѝ даде заклетва. Таа подоцна положи заклетва пред нотар и инсистира дека е законски судијка.
„Месеци гледаме ситуација невидена во демократска држава. Законски избраните судии не можат да ја преземат должноста. Полска е обврзана да обезбеди тие да работат и Трибуналот да функционира“, изјави Валдемар Журек, министер за правда на Полска.
Премиерот Туск го поддржа потегот.
„Обновувањето на владеењето на правото е наша должност. По години беззаконие под „Право и правда“, овој процес е тежок, понекогаш и болен, и бара одлучни дејствија. Нема друг пат“, објави Доналд Туск, премиер на Полска.
Опозициската партија „Право и правда“ суспензијата ја нарече незаконска. Нејзините поддржувачи протестираа пред судот, а полицијата приведе три лица. Претседателот Навроцки, близок до опозицијата, го прекина патувањето во Сенегал и се врати во Варшава.
„Во таков момент, претседателот мора да биде во Полска. Го прекинувам летот за Сенегал. Се враќам“, објави Карол Навроцки, претседател на Полска.
Според сведочењата од терен, Навроцки веднаш по полноќ влегол во зградата на Трибуналот заобиколувајќи го полицискиот кордон, а на влезот се случил судир меѓу него и судиите. Од неговата канцеларија соопштија дека е нарушен уставниот поредок и дека уставниот државен орган е преземен со сила, а потоа на веб-страницата на Трибуналот и потврда дека Швјечковски останува претседател, а Пјотровска не е судијка.
Бојана Крстевски
