Русија последна во Топ 6
Светските првенки Русинките не дозволија елиминација. Со победата против Србија со 3-0 им се придружија на Соединетите Американски Држави, на Бразил, Кина, Италија и на Доминикана во главната фаза на Светскиот одбојкарски шампионат во Италија.

Светските првенки Русинките не дозволија елиминација. Со победата против Србија со 3-0 им се придружија на Соединетите Американски Држави, на Бразил, Кина, Италија и на Доминикана во главната фаза на Светскиот одбојкарски шампионат во Италија.
Најуспешната нација во историјата на женската одбојка со убедливи 3-0 ја отвори портата кон главната фаза на Мундијалот во Италија. Како и пред четири години Русинките не загубија сет против Србија, а со тоа го освоија третото место во групата „Еф“, доволно за пласман меѓу најдобрите шест. Само во првиот сет европските првенки од 2011-та беа на работ на водство. Имаа две сет топки на 24-22, но откако не ја искористија шансата, „зборнаја“ направи пресврт и ја заврши работата со 28-26. Потоа рускиот состав не дозволи изненадување. Ја запре извонредната српска коректорка, 17-годишната Бошковик, која и покрај 17-те освоени поени не можеше докрај да ги инспирира своите колешки за поголем отпор. Предводени од 19-те поени на Гончарева и од17-те на Кошелева, Русинките во продолжение имаа целосна контрола на резултатот и загубија вкупно 35 поени, 18 во вториот и 17 во третиот сет. Седумкратниот светски првак го освои третото место во групата зад Американките и Бразилките кои вечерва ќе решат за лидерската позиција. Во оваа конкуренција Турција го совлада Казакстан со 3-0, а од 20 часот за престиж ќе играат и Бугарија и Холандија.
Во групата „Е“ јасно е дека домаќинот Италија, Кина и Доминиканска република ќе продолжат во битката за медалите, па сите денешни натпревари се од формален карактер. Јапонија ја совлада Доминикана со 3-2. Германија беше подобра од Азербејџан со 3-0, а од 20 часот Италија и Кина во меѓусебна пресметка ќе решат за првото место. Утрешната ждрепка ќе ги одреди групите за третата фаза во којашто ќе има две кола, в среда и в четврток. На Собрански во тек е преносот од мечот Хрватска – Белгија.
