Регион

Апсења и кривични пријави во Србија по случајот со Алта банка

01.11.2026 11:55

Продолжуваат апсењата и кривичните пријави во Србија. Утринава уапсен Марко Кричак началник на УКП во МВР и Бошко Секуловиќ началник за сузбивање на криминалот. Има и кривични пријави за Алта Банка Белград.

Четири вицегувернери на Народната банка на Србија (НБС) го повикаа јавното обвинителство да ги утврди сите факти за одземањето на лиценцата за работа на Алта банка Белград, како и евентуалната кривична одговорност во НБС. Вицегувернерите на НБС тврдат дека за реалната состојба во Алта банка, која драстично се разликувала од извештаите доставени од таа банка до НБС, дознале дури на итната вонредна седница на Извршниот одбор свикана за вечерта во петок, 30 октомври.

Во меѓувреме Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК) соопшти дека побарало од полицијата да го провери работењето на Алта банка и одговорните лица во Народната банка на Србија во врска со можни одливи на пари од сметките на банката и трансфери во странство. До обвинителството денес по е-пошта е испратена и кривична пријава против Алта банка како правно лице и неколку одговорни лица на таа банка.

Од Министерството за внатрешни работи, Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК), е побарано итно да дејствува и да го провери целото работење на банката и сите околности што доведоа до одземање на дозволата за работа.

Лидерот на Демократската партија (ДС), Срѓан Миливојевиќ, поднесе кривична пријава против гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, поради нејзина небрежност при одобрувањето на конверзијата на динарни средства во евра за потребите на Алта банка и одлучувањето за нивно префрлање во странство.

Миливојевиќ поднесе и пријава против „засега непознат вработен и одговорно лице во Народната банка на Србија и Алта банка, чиј идентитет и кривични дела треба да се утврдат“.

Според српските медиуми се појави информација дека една српска банка се обидува да повлече големи суми пари од земјата на сметки во Русија и Македонија.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ