Туризам

Охрид доби дигитален туристички водич

01.11.2026 12:52

Нова дигитална тура низ старото градско јадро на Охрид. Преку интерактивна мапа, десет знаменитости се достапни со едно скенирање, на пет јазици. Бесплатниот водич „Smart Ohrid“ им овозможува на туристите самостојно да го истражуваат градот.

Охрид доби нов дигитален туристички водич кој овозможува полесно истражување на старото градско јадро. Со скенирање QR-код, посетителите добиваат пристап до интерактивна мапа со десет значајни знаменитости, на пет јазици. Водичот е бесплатен, а туристите можат самостојно да ја организираат својата прошетка низ градот.

„Водичот е достапен на пет јазици: македонски, германски, англиски, француски и турски. Со тоа им се овозможува на посетителите и туристите од повеќе држави полесно да го користат и подобро да се запознаат со Охрид. Водичот е целосно бесплатен и достапен за сите“, изјави Александра Марковска Томоска, претседател на здружението „Виел Сциенце“ – Охрид.

На пет локации во градот се поставени табли со QR-кодови, преку кои посетителите пристапуваат до дигиталната мапа и сами избираат кои знаменитости ќе ги посетат. Идејата произлегла од потребата туристичката понуда да се приспособи на современите дигитални навики.

„Идејата произлезе од еден претходен проект со млади луѓе од Охрид. Тогаш увидовме дека тие многу подобро се снаоѓаат со дигиталните содржини, користењето дигитални мапи и истражувањето информации за знаменитостите низ градот. Така ја развивме идејата, а со поддршка од Општина Охрид и Секторот за туризам и локален економски развој, денес можеме да се радуваме на промоцијата на проектот“, додава Надица Николовска Филипоска од здружението „Виел Сциенце“ – Охрид.

Засега се опфатени десет знаменитости, а плановите се водичот да се надградува со нови маршрути и дополнителни јазици, со цел на посетителите да им се понуди уште полесен начин за откривање на културното наследство на Охрид.

Соња Рилковска