Незадоволната младина ја тресе Европа – протести, судири и стотици уапсени
Високите цени, недостапните станови и проблемите во образованието предизвикаа бран протести низ Европа. Од Париз и Берлин до Лисабон и Хаг, младите и граѓаните бараат подобри услови за живот и работа. На повеќе места мирните демонстрации прераснаа во судири со полицијата и апсења.

Европа гори под притисокот на незадоволната младина. Високите цени, недостапните станови и проблемите во образованието го разгореа револтот и ги изнесоа граѓаните на улиците. Она што почна како мирен протест, на повеќе места заврши со насилство. Париз – едно од најжестоките жаришта. Судири имаше и во Лион, Марсеј, Рен и Тулуз, неколку полицајци беа зафатени од пламен. Уапсени се над 500 лица. Незадоволството, велат демонстрантите, одамна ги надминало училишните клупи.
„Не се само учениците тие што имаат проблеми. Ова се проблеми што влијаат врз целиот образовен систем“, изјави Нина, наставничка од Париз.
Гневот насочен и кон економските нееднаквости и растечките трошоци за живот.
„Ова е кражба. Крадат од пензионерите, од средношколците, од нивните родители и од трговците. Капиталистите крадат од сите“, изјави Жан-Пол, пензионер од Париз.
Во Германија, мирните протести на генерацијата „Z“ прераснаа во судири во Берлин и Франкфурт. Фрлани беа камења и петарди, полицијата возврати со бибер-спреј и водени топови. Во немирите беше ограбена и продавница за оружје. Организаторите се дистанцираа од насилството.
Во Лисабон, илјадници граѓани излегоа против предлог-законот за изнајмување станови, стравувајќи од нов раст на кириите и продлабочување на станбената криза.
„Не можете да ги истиснувате луѓето од градот. Многумина што никогаш претходно не протестирале, сега излегуваат бидејќи проблемот го чувствуваат на сопствена кожа“, вели Рита Кортез, наставничка од Лисабон.
Со спуштањето на ноќта, и таму тензиите ескалираа. Полицијата почна да ги отстранува шаторите на демонстрантите, а следуваа и приведувања.
Судири и апсења имаше и во Хаг, интервенции со водени топови во Келн, а протестите продолжија и во Албанија, со барања за оставка од премиерот Рама. Различни градови, различни поводи, но исто незадоволство – младите бараат да можат да живеат, работат и создаваат иднина во сопствените земји.
Бојана Крстевски
