Србија

Две години од трагедијата во Нови Сад – останува барањето за правда и одговорност

01.11.2026 18:02

Со комеморативен собир во Нови Сад беше одбележана втората годишнина од уривањето на настрешницата на Железничката станица, кога загинаа 16 лица, меѓу кои и македонскиот државјанин Васко Саздовски. И по две години нема судски процес за трагедијата, а студентите порачаа дека нема да се откажат од барањето за одговорност. Во меѓувреме, во Србија продолжуваат апсењата и истрагите, а се отвораат нови прашања и околу работењето на Алта банка и постапувањето на Народната банка на Србија.

Повеќе десетици илјади луѓе се собраа на комеморативниот собир по повод втората годишнина од уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад во кој животот го загубија 16 лица. Настанот после кој почнаа студентските протести и блокади досега не резултираше со судски процес за одговорноста за смртта на 16 граѓани, меѓу кои беше и македонецот Васко Саздовски.

Во своето обраќање, студентите нагласија дека нема да се откажат од своето барање за одговорност во врска со оваа трагедија.

„Дојдовме тука да им оддадеме почит на починатите и ова никогаш повеќе да не се случи. Она што сите го сакаме е, како и првиот пат, одговорност и сите овие души да почиваат во мир“, изјави Тања Петровиќ, кандидат на Студенстката листа.

„Промени, односно враќање, враќање на она како што било некогаш. Верување во институциите, верување во луѓето, верување во политичарите – ние тоа сега го изгубивме. Правда мора да дојде. Ако го има Бог, и ако е онака како што е зацртано, правда мора да дојде“, вели еден граѓанин.

„Па, секој што има образ, чест, срце и душа, денес е со овие луѓе и со оваа напатена земја што најпосле се ослободи. Тоа е заслуга и на нивната смрт. И Бог да им подари рај, а нам останатите – некаква утеха“, додава друг.

За прв пат по промените РТС правеше директен пренос од комеморацијата во Нови Сад.

Продолжија апсењата и истрагите, а утринава е уапсен и началникот на Управата за криминалистичка полиција Марко Кричак и началникот на Службата за сузбивање на криминалот Бошко Секуливиќ.

„М.К. и Б.С. се лишени од слобода поради постоење основи на сомнение дека од 12 мај до 3 јуни 2026 година, како службени лица на Министерството за внатрешни работи, со пречекорување и искористување на својата службена положба и со неизвршување на службените должности, предизвикале штета и сериозно ги повредиле правата на оштетениот – поранешниот началник на ПУ за град Белград В.М., при нивните дејствија во врска со извршувањето на кривичното дело тешко убиство на штета на А.Н. на 12 мај 2026 година во ресторанот „27“ на Сењак“, изјави Борко Стефановиќ, главен обвинител во ВЈТ Белград.

Продолжува аферата со Алта банка. Четири вицегувернери на Народната банка на Србија го повикаа јавното обвинителство да ги утврди сите факти за одземањето на лиценцата за работа на Алта банка Белград, како и евентуалната кривична одговорност во НБС. Вицегувернерите на НБС тврдат дека за реалната состојба во Алта банка, која драстично се разликувала од извештаите доставени од таа банка до НБС, дознале дури на итната вонредна седница на Извршниот одбор свикана за вечерта во петок, 30 октомври.

Во меѓувреме Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК) соопшти дека побарало од полицијата да го провери работењето на Алта банка и одговорните лица во Народната банка на Србија во врска со можни одливи на пари од сметките на банката и трансфери во странство.

Поднесена е и кривична пријава против гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ