Народната банка привремено го презема управувањето со Алта банка АД Битола
Народната банка привремено го презема управувањето со Алта банка АД Битола и воведува ограничувања на плаќањата од сметките на клиентите. Физичките лица ќе можат неделно да повлекуваат до 10.000 денари, откако од банката до вчера биле повлечени околу два милиона евра.

Управувањето со Алта банка АД Битола привремено го презема Народната банка на Македонија. Гувернерот Трајко Славески информира дека Извршниот одбор на Народна банка донел одлука за воведување на администрација во Алта банка.
На сила стапуваат и ограничувања за плаќањата од сметките на клиентите на банката, а определен е и неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица до 10.000 денари.
Славески информира дека до крајот на вчерашниот ден, од Алта банка АД Битола биле повлечени околу два милиони евра, поради што платежните картички биле привремено блокирани. Мобилното и електронско банкарство, пак, ќе биде повторно достапно за неколку дена.
Една од можностите за надминување на состојбата е продажбата на акциите што ги поседува Алта банка АД Белград, вели Славески, додавајќи дека неофицијално, веќе има заинтересирани купувачи.
Мерките може да бидат на сила најмногу до три месеци, но од Народната банка на Македонија очекуваат состојбата порано да се разреши.
Марија Котовска
