Избори

Јахиј е нов градоначалник на Брвеница

01.11.2026 22:26

Кандидатот на Националната алијанса за интеграција, Аркин Јахиј, предводена од ДУИ, е победник на предвремените избори за градоначалник во Општина Брвеница, покажуваат податоците на Државната изборна комисија.

Кандидатот на Национална алијанса за интеграција Аркин Јахиј на вториот круг од изборите за градоначалник во Брвеница освоил 4.442 гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Стојанчо Радичевски освоил 4.177 гласови, објави Државната изборна комисија на прес-конференција.

Ова се првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат од сите 24 избирачки места во десетте населени места во општина Брвеница. Во вториот круг од гласањето, излезноста беше 54,29 отсто. Гласале 8.820 од 16.256 запишани избирачи.

Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ на прес-конференцијата изјави дека гласањето минало во фер и демократска атмосфера. Приговори за гласањето може да се поднесат до вторник.

Функционери на ВМРО-ДПМНЕ му ја честитаа победата на Јахиј, но ја обвинија неговата партија за наметнување етнички поделби и за носење гласачи од странство. Став на социјалните мрежи објави и партискиот лидер и премиер, Христијан Мицкоски.

„Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови. Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3 000 на 4 200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1 300, но за жал недоволно за целосна победа. Благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа, сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата. Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа“, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.