Здравство

Израелски хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ повторно во Македонија за помош на повредените од Кочани

02.11.2026 14:51

Тим од тројца хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив пристигна во земјава за да им помогне на повредените во трагедијата во Кочани. Израелските специјалисти ќе ја проценат состојбата на пациентите, а потоа заедно со македонските медицински тимови ќе извршуваат интервенции во Кочани и Скопје.

Тројца хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив повторно се во Македонија за да им помогнат на повредените во трагедијата во Кочани. На скопскиот аеродром денеска ги пречека министерот за здравство Сашо Клековски.

Медицинскиот тим го сочинуваат д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници, д-р Матан Шерф, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија и хирургија на рака, и д-р Тал Канфино Кац, ортопедски и реконструктивен хирург.

Двајца од лекарите, Харац и Канфино Кац, беа во земјава и веднаш по трагедијата, кога заедно со македонските лекари работеа на лекувањето на повредените.

Во текот на оваа недела најпрво ќе направат проценка на здравствената состојба на пациентите, по што ќе следуваат хируршки интервенции во Кочани и Скопје, во соработка со домашните медицински тимови.

Медицинскиот центар „Шеба“ е најголемиот и најсеопфатен медицински центар на Блискиот Исток. Според рангирањето на „Њузвик“ за 2026 година, се наоѓа на седмото место меѓу најдобрите болници во светот.

Министерот Клековски им се заблагодари на израелските специјалисти за повторната поддршка, истакнувајќи дека со нивното присуство пациентите добиваат врвна стручна помош, а домашните лекари можност за стекнување драгоцено искуство.