Директорот на БЈБ Александар Јанев учествуваше на состанокот на Управувачкиот комитет на проектот EU4FAST
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, учествуваше на состанокот на Управувачкиот комитет на регионалниот ИПА-проект на Европската Унија „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан“

Денеска, во Скопје, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, учествуваше на состанокот на Управувачкиот комитет на регионалниот ИПА-проект на Европската Унија „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан“ – EU4FAST.
На состанокот беа разгледани постигнатите резултати, тековните активности и идните приоритети на проектот, со акцент на унапредувањето на регионалната соработка и зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција. Директорот Јанев истакна дека вложувањето во знаење, професионална експертиза, современа опрема и технологија е клучно за модернизација на безбедносните институции и поефикасно справување со современите безбедносни предизвици.
Преку обуки, размена на искуства и донации на опрема, проектот придонесува за поефикасна гранична контрола, поквалитетни истраги за трговија со луѓе и криумчарење мигранти, како и поуспешно откривање на нелегалните финансиски текови. Јанев ја нагласи важноста од отворена и ефикасна меѓународна соработка, поинтензивна размена на информации и координирани истраги, истовремено истакнувајќи ја посветеноста на македонската полиција на почитувањето на човековите права, владеењето на правото и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.
Директорот Јанев упати благодарност до Европската Унија и земјите членки за поддршката, нагласувајќи дека македонската полиција останува активен и рамноправен партнер во зајакнувањето на регионалната безбедност и европската безбедносна соработка.
