Свет

Бугарија ја доби првата жена претседател, Јотова со убедлива победа во вториот круг

02.11.2026 19:23

Откако стана јасно дека ќе биде првата жена – претседателка на Бугарија, Илијана Јотова по изборната победа вети надминување на политичките поделби во бугарското општество. Во своите први честитки, таа не заборави да му заблагодари на премиерот Радев за поддршката од прогресивна Бугарија, без која призна дека немало да успеат.

Илијана Јотова ја освои претседателската трка во Бугарија и испиша историја – стана првата жена претседателка на земјата. Со убедлива победа во вториот круг, освои 57,57 насто од гласовите, наспроти 39,48 проценти за нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров. Но, историската победа не е само личен успех на Јотова, туку и потврда на политичкиот курс на премиерот Радев, чија партија застана зад нејзината кандидатура.

„Сакам искрено да им се заблагодарам на сите што ја поддржаа нашата кандидатура. Но, сакам да им се заблагодарам и на оние што не нè поддржаа, но сепак излегоа да гласаат. Нивниот глас и нивното мислење ни значат многу, бидејќи ќе го земеме предвид она што ни го порачаа. Ќе направиме сериозна анализа и ќе се посветиме на нивните грижи и надежи“, изјави Илијана Јотова, новоизбрана потпретседателка на Бугарија.

Победата ја поздрави и Радев, кој во резултатот препозна поддршка за политичкиот курс на неговата партија, оценувајќи дека граѓаните го поддржале курсот што го нуди неговата политичка опција, избирајќи ги мирот, стабилноста, како и јасниот пат кон иднината.

„Убеден сум дека ќе бидете достоен претседател на Бугарија во овие тешки времиња, кога ви е доверена оваа одговорна задача. Денес, Бугарите ја избраа иднината пред минатото. Тие избраа мир, стабилност, нормалност, како и одржлив и јасен пат напред“, рече бугарскиот премиер, Румен Радев.

За поразениот Ѓуров, изборниот резултат е разочарување, но не и крај на политичката борба. Тој повика на единство и најави дека ќе продолжи да бара одговорност од власта.

„Разбирам дека за сите кои беа дел од кампањата и веруваа дека постои нов пат за Бугарија, ова носи разочарување. Но, верувам дека ништо од ова не беше залудно. Најдоброто допрва доаѓа. Сега, кога кампањата е завршена, треба да бараме единство, а не поделби. Владата треба да му служи на бугарскиот народ, а не сама на себе“, истакна Андреј Ѓуров, претседателски кандидат.

Победата на Јотова ја зацврстува политичката позиција на премиерот Радев, но отвора и прашања за концентрацијата на моќта во Бугарија. На надворешнополитички план, новото претседателство ќе треба да го балансира европскиот курс на земјата со најавите за подобри односи со Москва и дипломатско решение за војната во Украина. Предизвикот е уште поголем во услови кога Црно Море станува сè понебезбедно, а војната во Украина директно ги засега безбедноста и интересите на Бугарија.

Бојана Крстевски