Финансии

АЛТА банка на листа за набљудување на Mакедонска берза, инвеститорите повикани на претпазливост

02.11.2026 17:28

За граѓаните, неделен лимит до 10 илјади денари, за компаниите – забрана да изнесуваат средства надвор од банката. Правните лица – клиенти на АЛТА банка можат да вршат само внатрешни плаќања. Монетарната власт уверува – воведувањето привремена администрација не значи затворање на АЛТА банка – Битола, туку заштита на средствата на клиентите, штедачите и на сите други доверители до промена на сопственоста.

АЛТА банка е стабилна, ликвидна и не е во стечај, а мерките се превентивни. Народна банка објаснува – администрацијата се воведува заштита на клиентите, штедачите и доверителите до промената на сопственоста. Гувернерот со апел сите да се воздржат од шпекулации, за да не му наштетат на банкарскиот сектор.

„Воведувањето привремена администрација не значи затворање на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Напротив, целта на оваа привремена заштитна мерка е банката да продолжи непречено да работи, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на сите штедачи и други доверители да бидат заштитени до промена на сопственоста на Банката“-стои во соопштението од НБРМ.

Освен воведениот неделен лимит за физички лица од 10 илјади денари, сега и правните лица – клиенти на „АЛТА Банка“ не можат да изнесуваат средства надвор, односно, можат да прават само внатрешни плаќања. Во меѓувреме, берзата ја стави „АЛТА банка“ на „Листата за набљудување“, што значи дека инвеститорите треба внимателно да ја следат ситуацијата.

„Внесување на друштвото АЛТА банка АД Битола на „Листата за набљудување“ е со цел обрнување на внимание на инвеститорската јавност“, се наведува во известувањето на Берзата.

По одземањето на дозволата за работа на АЛТА банка Белград, Народна банка ќе управува со имотот во Македонија. Гувернерот потенцира дека не му се одзема сопственоста на акционерот, туку привремено, самоуправувањето.

Клиентите кои имаат кредити мора редовно да ги подмируваат ратите. Она што следи, според гувернерот, е да се продаде банката на нов купувач.

Во последниве неколку дена биле повлечени два милиони евра од банкоматите. За 9 месеци, банката пријавила загуба од 790.000 евра.

Борис Грујоски